Често поставувани прашања

Овој дел ги изложува најчесто поставуваните прашања со кои се соочуваат адвокатите во Aдвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје при првата средба со нивните клиенти, вклучувајќи и прашања за трошоци во постапката и дали може да се користат со правото на бесплатна правна помош.

Сиромашно право и бесплатна правна помош

Во точно определени случаи кога се води управна и парнична постапка, странката може да биде ослободена од плаќање на такси, од полагање на аванс за трошоците на сведоците, вештаците, за увид и за судски такси. Во овој случај, на барање на странката, првостепениот суд/орган ќе определи да ја застапува полномошник кога тоа е нужно за заштита на нејзините права. Таа при тоа е ослободена од плаќање на трошоците и наградата за полномошникот. Ваква одлука судот/органот донесува кога странката според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за својата нужна издршка и издршка на своето семејство. Ваквите права на странката се сублимираат под поимот „сиромашно право“.

Адвокатите од Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје, имаат давано правна помош на странка која се користи со гореобјаснетиот термин на сиромашно право.
Наспроти оваа ситуација и случајот на задолжителна одбрана според Законот за кривичната постапка и Законот за малолетничка правда, одредени физички лица може да користат бесплатна правна помош според Законот за бесплатна правна помош. Бесплатна правна помош (БПП) се остварува како:

  • Претходна правна помош, што опфаќа давање на иницијален правен совет за правото на користење на правната помош, општа правна информација и правна помош за комплетирање на барање за БПП, од страна на овластено лице од подрачните оддленија на Министерството за правда и од овластени здруженија на граѓани и
  • Правна помош во постапка пред надлежен орган и организација, што подразбира застапување од адвокати во сите степени на судски и управни постапки и составување на писмена од адвокати во овие постапки.

При тоа, БПП ги опфаќа трошоците на постапката што настанале по денот на одобрување од Министерството за правда на барањето за доделување на БПП и дејствија на правна помош кои по денот на одобрување на правната помош сè уште не биле извршени. Барањата за правна помош мора да се однесуваат на прашања од интерес на барателот од областа на социјалното, здравственото, пензиското или инвалидското осигурување, работните односи, заштита на деца и малолетници, жртвите на семејно насилство, заштита на жртвите на казниви дела, заштита на жртвите од трговија со луѓе и имотно-правните прашања.

Законот експлицитно наведува кои лица, при исполнување на одредени законски услови, имаат право на БПП. Меѓу другите, право на БПП имаат државјани на Република Северна Македонија, со постојано живеалиште и тоа: лица корисници на социјална помош, семејства или самохран родител со едно или повеќе малолетни деца, кои остваруваат право на детски додаток, корисници на најниска пензија кои живеат во семејна заедница со две или повеќе лица издржувани од него и други лица.

Во случај да сметате дека ги исполнувате условите за користење на БПП, слободно контактирајте ја Aдвокат м-р Ана Дангова Хуг, запишана во Регистарот на адвокати за давање на правна помош при Министерството за правда на Република Северна Македонија.

Трошоци за покренување на постапка

Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје, може да Ви даде квалитетен совет за трошоците за покренување на постапка и за методот на плаќање што Вам најмногу Ви одговара.

Во Република Северна Македонија, генерално, странката која ќе ја изгуби постапката ги плаќа трошоците на странката која го добила случајот. При тоа, овие трошоци се одвоени од евентуалниот паричен износ досуден од судот за тужената или противтужената странка. Тоа би значело дека од почетокот би требало да ги предвидиме трошоците во постапката, силните и слабите страни на случајот, како би требало да се плати и дали случајот би можело да се реши вонсудски.

Во однос на плаќањето на адвокатите за нивната правна помош, во зависност од случајот, износот се пресметува според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Иако не пониско од предвидените надоместоци со Тарифата, адвокатот и странката можат слободно да ја договорат наградата и трошоците, како и начинот и средствата за плаќање.

error: Интер Партес | Сите права задржани
mk_MK
en_GB mk_MK