Награда за посветеност на унапредувањето на човековите права во бизнисот

Награда за посветеност на унапредувањето на човековите права во бизнисот

Кога во 2016 год. Адвокатското друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје го објави со Данскиот институт за човекови права првиот Национален водич по бизнис и човекови права се покажа дека темата бизнис и човекови права е во зародиш. Денес сум горда да забележам дека благодарејќи и на квалитетната правна помош што ја дава адвокатското друштво, постојат се повеќе компании кои се отворени во своите политики и процеси да ги интегрираат Насочувачките принципи по бизнис и човекови права на ОН. Како прво адвокатско друштво кое отпочна да работи на ова поле, успеавме да им помогнеме на нашите клиенти преку правна помош да усвојат Политика за човекови права, да ги ревидираат нивните договори како и да воспостават жалбени механизми во согласност со меѓународните стандарди.

Оваа наша заложба ја препозна КОНЕКТ, кој вчера на ИНТЕР ПАРТЕС му ја додели Награда за посветеност на унапредувањето на човековите права во бизнисот.

Наградата е голема мотивација за адвокатското друштво да продолжи да нуди квалитетна правна помош, а особено на оние компании кај кои што сеуште постои нерешителност да започнат да го одат овој пат, бидејќи голем број на концепти и процеси сеуште не им се доволно блиски и јасни.

Наградата дополнително ќе не поттикне да со правни алатки се справуваме со најголемиот предизвик а тоа е добавувачкиот ланец (supply chain), каде се поставува прашањето дали и како се почитуваат човековите права во земјата од каде што добавувачот на компанијата ги набавува своите материјали. Дали во земјата на потекло има детски труд? Дали таму се почитува правото на приватност или може работникот да го реализира правото да членува во синдикат? Ова се само некои од прашањата на кои што треба да одговориме кога спроведуваме due diligence по човекови права за нашите клиенти.

Уште еднаш Конект најсрдечно благодараме за оваа Награда и ќе направиме сѐ што е во наша надлежност за да ја оправдаме истата.